Во тек е подготовката на два специјални закона со кои треба да им се олесни на младите брачни парови обезбедувањето сопствен дом. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека законските решенија се очекува следниот месец да бидат доставени до Собранието.
Првиот закон предвидува младите брачни парови да можат да купуваат станбен простор по цени за 20 отсто пониски од просечните пазарни цени остварени во текот на претходната година.
Анализите се во тек, а првичните податоци покажуваат дека, на пример, во Општина Центар просечната пазарна цена на квадратен метар станбен простор во првите три квартали од годинава изнесувала 1.915 евра. Со предвидениот попуст од 20 отсто, цената би изнесувала 1.530 евра за квадратен метар.
Според најавеното законско решение, секој инвеститор што ќе побара дозвола за изградба на станбен објект ќе има обврска да издвои 10 отсто од станбената површина за лицата што ќе ги исполнуваат условите утврдени со законот. Еден од условите е најмалку едниот од партнерите да биде на возраст до 35 години.
Вториот закон предвидува младите да бидат ослободени од плаќање комуналии кон општината при изградба на сопствен дом. Оваа мерка веќе се применува во одредени општини, но целта е да се прошири и да се спроведува на територијата на целата држава.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека уште од почетокот на мандатот работат на создавање подобри услови за живот на младите и оценуваат дека двата закона ќе претставуваат чекор кон решавање на еден од нивните најголеми предизвици – обезбедувањето сопствен дом.
