Ново видео го прикажува грабежот во златарницата на улицата „11 Октомври“ во Куманово, каде што неколку лица насилно влегле во објектот и одзеле разновиден златен накит.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 27 ноември во 12:32 часот. Златарницата е во сопственост на 55-годишен жител на Липково, а сторителите со употреба на сила и погоден предмет ја отвориле вратата и влегле во објектот. Полицијата презема мерки за нивно пронаоѓање и расчистување на случајот.
Грабежот го осуди и Агрон Фазлији, претседател на Регионалната занаетчиска комора Куманово и на Занаетчиската комора на Македонија. Тој посочи дека златарницата, во сопственост на мајсторот Абдулрахим, работи 30 години и дека грабежот претставува тежок удар за семејството кое со долгогодишна чесна работа го градело својот бизнис.
Фазлији побара од полицијата и обвинителството итно да го расветлат случајот и да ги пронајдат одговорните, но и да преземат конкретни мерки за поголема безбедност на занаетчиите и стопанствениците.
„Секој што наутро го отвора својот дуќан има право да се чувствува безбедно на своето работно место“, порача Фазлији, изразувајќи солидарност со семејството на ограбениот златар.
