Фондот за здравствено осигурување, во врска со објавениот Конечен извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој се однесува на имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во информацискиот систем на Фондот, информира дека констатираните наоди и дадените препораки се разгледани со внимание и институционална одговорност, при што се преземени конкретни активности за надминување на утврдените слабости.
Фондот, се додава во соопштението, ја препознава независната државна ревизија како исклучително значаен механизам за унапредување на јавната отчетност, зајакнување на институционалните капацитети и воспоставување повисоки стандарди во управувањето со јавните ресурси.
Ревизорските препораки нагласуваат од таму, претставуваат не само обврска за постапување, туку и важен поттик за системско подобрување на организациските и технолошките процеси.
„Во рамките на своите надлежности и во согласност со задолженијата на Владата, Фондот изготви конкретен Акциски план, со кој се опфатени сите препораки содржани во ревизорските наоди.
Акцискиот план претставува сеопфатна и структурирана рамка за постапување, во која за секоја препорака поединечно се дефинирани потребните корективни активности, надлежните организациски единици и одговорните носители, како и прецизни рокови за нивна реализација.
Особено значајно е што дел од предвидените активности веќе се реализирани, додека за останатите се започнати постапки или се утврдени конкретни мерки за нивно спроведување.
Меѓу досега реализираните активности се сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за администрирање на автентикацијата и контрола на корисничките пристапи.
Паралелно со тоа, Акцискиот план предвидува натамошно зајакнување на информациската безбедност преку ажурирање на безбедносните политики и процедури, изработка на ИТ-стратегија, проценка на ризиците, унапредување на контролите за пристап, модернизација на инфраструктурата и безбедносни надградби на постојните информациски системи“.
Посебно внимание, додаваат од фондот, е посветено и на зајакнувањето на човечките капацитети, континуираната едукација на вработените, воспоставувањето соодветни механизми за следење на системските активности, како и унапредувањето на мерките за непречено функционирање и заштита на информациските ресурси.
Роковите за спроведување на предвидените активности се утврдени во периодот до 31 декември 2027 година, зависно од сложеноста, техничките предуслови и организациските и финансиските аспекти на секоја поединечна мерка.
