„Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“ е мотото на првото издание на манифестацијата „Чкембе фест Битола 2026“,
која денеска започна во Битола. Организатори се Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ од Битола, а со поддршка на Општина Битола.

Свеченото отворање беше на плоштадот „Магнолија“ каде пригодно обраќање имаше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

„Замислата на организаторот која е за поздравување е што посебен акцент се става на идејата традицијата да се претвори во современа туристичка и гастрономска понуда, преку која препознатливите вкусови, рецепти, обичаи и гостопримството на Битола ќе бидат претставени пред домашните и странските посетители. Гастрономијата и туризмот, културата и забавата, како инспирација за амбицијата фестивалот, односно Битола да добие уште еден препознатлив настан кој ќе прерасне во традиционален“, истакна градоначалникот Коњановски.

Програмата предвидува и голем гастрономски натпревар и натпревари во подготовка на чкембе специјалитети, понуда на чкембе чорба од казан, презентација на храна и пијалоци од излагачи и производители на органска храна и презентација на македонското културно наследство.

Во рамките на трите фестивалски денови и трибина на тема „Балканска кујна-традицијата и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“.


