Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, гостуваше на конференцијата PARkon 2026 во Белград, на која учествуваа претставници на јавните претпријатија за паркирање од регионот.
На настанот на Општина Центар – Скопје ѝ беше доделена јубилејна благодарница од Здружението на паркиралишта на Србија за исклучителен придонес, долгогодишна соработка, поддршка и несебична професионална работа во развојот на паркинг-индустријата. Конференцијата беше и повод за одбележување на два значајни јубилеја – 55 години од работењето на Паркинг сервис Белград и 25 години од постоењето на Здружението на паркиралишта на Србија.
Во своето обраќање, Герасимовски истакна дека градовите во регионот се соочуваат со слични предизвици и дека размената на искуства може да помогне во наоѓањето подобри решенија.
„Бројот на возила постојано расте, а расположливиот простор е сè помал. Од нас се очекува да најдеме решенија кои ќе бидат функционални, правични и долгорочно одржливи“, истакна Герасимовски.
Тој посочи дека Општина Центар, заедно со ПОЦ, работи на унапредување на системот за паркирање, со приоритет на потребите на жителите и развој на дигитални услуги што им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Притоа нагласи дека, покрај технологијата, за добри резултати се потребни јасни правила, добра организација и разбирање на потребите на граѓаните.
Герасимовски им ги честиташе јубилеите на домаќините и се заблагодари за поканата и гостопримството, изразувајќи уверување дека соработката меѓу општините и јавните претпријатија ќе продолжи и во иднина.
