Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на пратеничко прашање за студентскиот оброк, најави нов концепт со кој студентите ќе добијат поширок спектар на поволности преку апликацијата „М.услуги“, надвор од досегашниот модел на студентски оброк, како што рече тој целта е привилегиите да важат во текот на целата година и да опфаќаат различни услуги и привилегии.
„Концептот е да развиеме сосема нов пристап кога станува збор за привилегиите кои што ќе можат да ги користат студентите. Не да се ограничиме на концептот дневен оброк, кој што гледам доста и политички се злоупотребува од страна на поедини опозициски периферни политичари, туку зборувам да има суштина. И тоа ќе биде дел од апликацијата која што ја развива Министерството за дигитална трансформација, а тоа е „М.услуги“ која што веќе добива свој интензитет. И тука работиме заеднички со Министерството за образование и наука, со Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат, мојот кабинет и Министерството за финансии. И од последната седница на Влада ќе се вклучи и Министерството за социјална политика, демографија и млади бидејќи тие развиваат една друга апликација и друга картичка односно младинска картичка. Така што сакаме да имаме еден поширок концепт на привилегии кои што во суштина ќе ги користат нашите студенти. Да не биде тоа оние денови кои што сега се определени со закон, бидејќи сега завршува исплаќањето мислам дека беше крајот на јуни, јули, август, септември не се опфаќаат во исплата на дневниот оброк. Истовремено, неделите и празниците исто така се исклучени од сето тоа кое што е нивна привилегија. И мислам дека на тој начин сумата која што тие ја користат е прилично недостоинствена, и нашата цел е како Влада да обезбедиме дополнителни привилегии односно дополнителна можност за да тие користат не само во дел на оброкот, туку и поинаков тип на услуги, надвор од учебната година и надвор од овој тип на услуги кои што денеска ги користат. И тоа ќе биде дел од апликацијата „М.услуги“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека попустите би се движеле од 5 до 50 проценти, а во следната фаза се разгледува можноста студентите овие поволности да ги користат и надвор од државата.
„Јас сум убеден дека таа апликација ќе овозможи на студентите можеби и да се дуплираат и триплираат привилегиите кои што тие ќе ги имаат по различна основа од 5 до 50 проценти, кои што сега не ги користат и ги немаат. Следната фаза е тоа да го користат и надвор од државата. Но, сега се задржуваме тука на домашниот пазар во кои што тие ќе можат преку оваа апликација да користат ваков тип на услуги“, дециден е Мицкоски.
