Од 1 декември почнува примената на новите правила за отворање и продолжување на боледувањата, со кои се прецизираат надлежностите на матичните лекари и постапката за одобрување подолго отсуство од работа. Измените се предвидени со новиот Правилник за утврдување привремена спреченост за работа на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), објавен во „Службен весник“.
Од ФЗОМ нагласуваат дека со новите правила не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба.
Според објаснувањето на Фондот, избраниот лекар и понатаму е надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа во траење до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува надлежната лекарска комисија.
Особено се прецизира постапката за продолжување на боледувањето кога осигуреникот има потреба од континуирано отсуство поради иста дијагноза или дијагноза од иста група. Во таков случај, по истекот на претходно одобрениот период, матичниот лекар е должен да го упати пациентот на лекарска комисија и да достави нов предлог за оценување на привремената спреченост за работа, со наведување на истиот прв ден на боледувањето.
„Поврзаноста на дијагнозите се утврдува врз основа на медицинска проценка, медицинската документација и соодветната класификација на болестите, а не врз основа на произволна административна оценка. На овој начин се обезбедува континуитет во медицинското оценување и доследна примена на критериумите, без да се доведе во прашање правото на осигуреникот на боледување кога за тоа постојат медицински оправдани причини“, велат од ФЗОМ.
Во меѓувреме, матичните лекари ги информираат пациентите за практичните правила што ќе се применуваат при отворање и продолжување на боледувањата. Според овие известувања, до пет дена боледувањето го одобрува матичниот лекар, додека за подолг период се потребни соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за боледување и неговото времетраење. За боледување подолго од 15 дена е потребно одобрување од лекарска комисија на ФЗОМ.
Боледувањето се отвора од денот на прегледот или од наредниот ден, а ретроактивно може да се утврди најмногу еден ден наназад во оправдани случаи. Се затвора на последниот ден од одобрениот период или најдоцна еден ден подоцна.
За повторно отворање боледување поради иста дијагноза во период пократок од 30 дена е потребно претходно одобрување од лекарска комисија. По болничко лекување, ретроактивно продолжување е можно најмногу пет календарски дена, исто така со одобрение од комисијата.
Од Фондот посочуваат дека измените предвидуваат и административни олеснувања за осигурениците, меѓу кои електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа, со што треба да се намали потребата од дополнителни административни постапки.
Предвидено е и попрецизно уредување на случаите во кои не е неопходно лично присуство на осигуреникот, како што се неподвижноста, болничкото лекување и други предвидени исклучоци, како и појасни правила за ретроактивно утврдување на боледување во медицински оправдани случаи.
Од ФЗОМ велат дека целта на измените е попрецизно утврдување на критериумите и постапките за оценување на медицинската документација, со истовремено зачувување на правото на боледување за сите осигуреници кај кои постои медицинска потреба.
