back to top
8.8 C
Skopje
четврток, 5 ноември , 2026

Рокас го носи извештајот на ЕК во Владата, уставните измени остануваат услов за напредок кон Европската Унија

Други наслови

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска ќе го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2026 година на премиерот Христијан Мицкоски. По средбата, предвидена е заедничка прес-конференција во Владата.

Во објавениот извештај, Европската комисија констатира дека Северна Македонија постигнала значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, но нагласува дека усвојувањето на уставните измени останува неопходен услов за продолжување на евроинтегративниот процес.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека целта на Комисијата останува отворање на првиот преговарачки кластер веднаш по исполнувањето на условите.

„Сега тоа зависи од Северна Македонија“, истакна Кос.

Во Извештајот на Европската комисија за 2026 година се наведува дека не биле направени обиди за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, со кои во Уставот треба да бидат вклучени и граѓаните кои се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите.

Европската комисија оценува дека е постигнат одреден напредок во судските реформи, но независноста и финансиската автономија на судството и понатаму се поткопани од мешањето на другите гранки на власта и сериозниот недостиг од финансиски и човечки ресурси.

Во борбата против корупцијата не е забележан напредок, а корупцијата и натаму е распространета и претставува сериозна причина за загриженост. Комисијата посочува и дека измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не ги отстраниле негативните последици од измените во 2023 година.

Во делот за демократските институции, ЕК оценува дека политичката поларизација го забавува донесувањето на важните реформски закони, додека во голем дел од преговарачките поглавја напредокот е ограничен или целосно отсуствува.

Забелешки се упатени и за притисоците врз новинарите, недоволната заштита на човековите права и спроведувањето на изборните препораки. Во областа на слободата на изразување не е забележан напредок, а јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело и понатаму се соочуваат со предизвици поврзани со финансиската и административната автономија.

Во однос на добрососедските односи, Европската комисија повикува на дополнителни напори за подобрување на дијалогот со Бугарија и доследно спроведување на билатералните договори. Во извештајот се забележува и дека членови на Владата и високи функционери повремено не го користат уставното име на државата, што може негативно да влијае врз односите со Грција.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести