back to top
2.8 C
Skopje
недела, 22 ноември , 2026

Сиљановска-Давкова за Денот на албанската азбука: Различностите се трајни општествени вредности

Други наслови

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, посочувајќи дека јазикот е темел на националниот идентитет и колективната меморија на еден народ.

„Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука“, истакнува претседателката.

Во честитката таа нагласува дека јазикот е основен белег на националната посебност и најсилен инструмент за градење и изразување на колективната меморија, духовното наследство и искуството на еден народ.

„Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците. Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот“, наведува Сиљановска-Давкова.

Таа посочува дека заедничка должност е градењето општество во кое единството нема да ги негира различностите, туку ќе ги почитува и ќе ги третира како трајни општествени вредности.

Претседателката посакува 22 Ноември да не биде само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести