back to top
17.8 C
Skopje
петок, 2 октомври , 2026

(Видео) Мицкоски пред Фон дер Лајен: Бараме процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила

Други наслови

Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Мицкоски кажа дека денешната средба со фон дер Лајен била отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.

„Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции. Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила“, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека државата ги завршува обврските и спроведува реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку со доцнење, но сепак ги завршува.

Мицкоски со фон дер Лајен разговарал и за односите со Бугарија.

„Денес отворено разговаравме и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед. Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. Исто така, на денешната средба напоменав дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, рече Мицкоски.

Секое решение, додаде тој, мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања.

„Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа. Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа“, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека Македонија ќе продолжи со реформите во владеењето на правото и јавната администрација, со подобрување на деловната клима и со дигитализацијата и реформите во образованието.

„Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи. Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи натамошно користење средства од Планот за раст. За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите. Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна“, рече премиерот.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести