По повод празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, Бигорскиот Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, упати духовна порака во која говореше за верата, смирението, страдањето и надежта во вечниот живот.

Bo својата беседа по целовечерното бдение, Владиката Партениј ја истакна Пресвета Богородица како пример на мајчинска љубов, смирение и духовна сила, нагласувајќи дека таа е застапница и утеха за оние кои минуваат низ тешкотии.
„Имаме Бог кој стана како еден од нас, имаме и Мајка која е поголема од нашите мајки, Мајка на мајките наши и Мајка на сите мајки. Која секогаш ќе нè услишува и која знае што е болка“, порача Партениј.
Тој посебно се осврна на животот на Богородица, кој, како што истакна, бил исполнет со смирение, жртва и подвиг. Според него, нејзиното присуство во најтешките моменти од животот на Христос е силно сведоштво за нејзината вера и љубов.
„Нејзиниот живот е смирение. Нејзиниот живот е најголем подвиг. Имаме голема застапница“, рече епископот.

Партениј потсети и дека празникот Успение не претставува само спомен на крајот од земниот живот на Богородица, туку и потсетување на христијанската надеж во воскресението и вечниот живот.
Според него, Успението е потсетник дека еден ден душата и телото повторно ќе се соединат и дека верниците се повикани да живеат со вера во Царството Небесно.
Партениј ја опиша Богородица и како „Мајка на сиот свет“, која, според црковното учење, им помага на луѓето да истраат во духовниот подвиг и да станат вистински следбеници на Христос.

На крајот од беседата тој упати молитва за сите оние кои имаат потреба од помош, утеха и закрила.
„Нека нејзините молитви нè закрилуваат, не само нас што стоевме на ова целовечерно бдение, туку и сите ваши блиски кои имаат потреба“, рече тој.
Партениј порача и дека на светот денес му се потребни повеќе покајници, молитвеници и луѓе посветени на духовниот подвиг.
„И доколку има покајници повеќе, и молитвеници, и луѓе кои се потвизуваат, бидете сигурни дека и овој свет ќе биде подобар. Во тоа најмногу може да ни помогне Пресветата Владица наша Богородица“, порача Епископот Антаниски г. Партениј.
