Две до три шолји кафе дневно можат да го намалат ризикот од депресија и анксиозност, но надминувањето на таа доза има спротивен ефект, тврди ново истражување.
Истражувањето објавено во научното списание „ Journal of Affective Disorders“ открива дека консумирањето од две до три шолји кафе дневно е поврзано со помал ризик од нарушувања на расположението и стрес, како што се депресијата и анксиозноста.
Сепак, внесувањето помалку од таа количина не носи забележителни придобивки за менталното здравје, додека повеќе од три чаши на ден може да доведе до зголемена анксиозност и лош сон, со што се поништуваат позитивните ефекти.
„Оваа студија потврдува дека умерениот внес е „златната средина“, што се совпаѓа со општите препораки за внес на кофеин“, објаснува нутриционистот Морган Л. Вокер за Verywell Health , додавајќи: „Откако ќе ја преминете таа граница, почнуваат да се појавуваат негативни несакани ефекти – како што се лош сон, нервоза или зголемена анксиозност, особено кај луѓе чувствителни на кофеин“.
Истражувањето покажа дека генетските разлики во брзината на метаболизирање на кофеинот не влијаеле на конечните резултати, додека биле забележани мали разлики меѓу половите, при што заштитниот ефект бил малку поизразен кај мажите.
Интересно е што резултатите беа конзистентни без оглед на видот на кафе, вклучувајќи го и кафето без кофеин. Вокер истакнува дека ова укажува на можноста дека не само кофеинот е одговорен за позитивните ефекти, туку и други компоненти на кафето, како што се антиоксидансите и биолошки активните соединенија.
Лусијана Соарес, професорка и раководителка на студиите за клиничка исхрана на Универзитетот Џонсон и Велс, забележува дека студијата била од набљудувачки карактер. Ова значи дека покажува поврзаност, но не докажува директна причинско-последична врска.
„Резултатите треба да се гледаат во поширок контекст“, додава Вокер, „Истражувањето не ги вклучува целосно другите важни фактори како што се општата исхрана, спиењето, управувањето со стресот и физичката активност, кои играат многу поголема улога.“
Во пракса, овие наоди потврдуваат дека кафето може да биде дел од здравата рутина ако се консумира умерено, но дека поголема количина не значи поголема корист. Индивидуалната толеранција на кофеин сè уште игра клучна улога.
