Во Единбург, главниот град на Шкотска, се случија низа насилни напади во кои беа повредени пет лица. Против 36-годишниот маж официјално беше поднесено обвинение, а во истрагата беа вклучени и антитерористички единици.
Полицијата потврди дека осомничениот е обвинет за низа инциденти што се случија во петокот, 19 јуни, и дека наскоро ќе се појави пред суд. Властите ја уверија јавноста со пораката дека повеќе нема опасност за граѓаните.
Првиот повик до полицијата бил во петокот во 20:50 часот од населбата Ситхил, каде што двајца мажи биле повредени и итно однесени во Кралската болница во Единбург.
Шкотската асоцијација на џамии објави дека станува збор за верници кои штотуку ја напуштиле џамијата и минувале низ блискиот парк, пишува Гардијан.

Напаѓачот скршил прозорец на возило.
Потоа следеа нови извештаи за напади околу продавници на западниот и северниот дел од градот, поточно во областите Телфорд Роуд и Лит Вок, каде што беа повредени уште тројца мажи.
Вознемирувачки снимки набрзо се појавија на социјалните мрежи.
Првото видео прикажува напаѓач без маица како шета по улицата носејќи пиштол и кршејќи ја вратата на ресторан, додека второто видео го прикажува моментот кога полицијата го држи приземјен додека хистерично вика како „ја штити земјата“.
Петмина мажи на возраст од 22, 24, 27 и 39 години беа повредени во нападите. Тројца се задржани во болница, а ничиј живот не е во опасност.
Омар Афзал од Шкотската асоцијација на џамии предупреди дека меѓу муслиманските заедници постои длабок шок, но и гнев, бидејќи опасностите од исламофобија се предупредуваат со години.
„Овие напади не постојат во вакуум. Со години предупредуваме за последиците од нормализирањето на антимуслиманската омраза во јавниот простор. Кога не се решаваат предрасудите, се создава средина во која поединците се чувствуваат охрабрени да извршат такви дела“, рече Афзал.
Помошничката началничка на полицијата Катриона Патон потврди дека истрагата се спроведува со поддршка на антитерористички тимови и под надзор на обвинителството.
Полицијата, исто така, отвори посебен јавен портал за поголеми инциденти, преку кој граѓаните можат директно да испраќаат информации, снимки и докази што би помогнале во целосното расветлување на овој случај.
