Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, по вчерашниот состанок на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) во Европскиот парламент, на кој беше усвоен извештајот на известувачот за Македонија, Томас Вајц, за напредокот на земјата, изјави дека е време Скопјe да престане да го користи „лошиот источен сосед“ како изговор и одговорноста да ја префрли на Бугарија.
„Убеден сум дека во Скопје многу добро разбираат што треба да направат, да почнат да ја спроведуваат преговарачката рамка што самите ја одобрија и која е основа на нивниот европски пат. Време е да престанат да го користат „лошиот источен сосед“ како удобен изговор и да ја префрлат својата одговорност врз Бугарија.
Вистината е јасна, нема вето од Бугарија. Постојат европски услови, договорени и прифатени од сите земји-членки, вклучително и самата Северна Македонија.
„Додека не се исполнат овие обврски, не може да има напредок кон членство. Не поради Бугарија, туку поради одбивањето на владата во Скопјe да ги спроведе обврските што ги презеде“, рече Ковачев откако Комисијата гласаше за извештајот за напредокот на Македонија.
Тој рече дека европската интеграција бара реформи, спроведување на преземените обврски и почитување на добрососедските односи.
