Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, смета дека заминувањето на министерот Цветан Трипуновски е победа за земјоделците. Како што е наведено во неговото соопштение, тој вели дека „човекот кој две години го водеше земјоделството во земјата на работ на бездната си заминува“.
„Ветуваше брда и долини, но предизвика хаос и безброј корупциски скандали. Министерот кој ги остави земјоделците со неплатени субвенции, без систем за аплицирање, откажани програми, откажани повици за модернизација на земјоделството и мизерни откупни цени си заминува.“
За некои прерано, за некои прекасно, заврши мандатот на човекот кој наместо да работи на подобрување на условите за работа и благосостојбата на земјоделецот, се занимаваше со партиски реваншизам, мобинг и елиминирање на сите заинтересирани страни кои не се покоруваа на неговите катастрофални политики. За жал, проблемите во земјоделството не исчезнуваат со него, туку напротив, се зголемуваат секој ден.
„Борбата за запирање на негативните трендови што го еродираат земјоделскиот сектор продолжува и во наредните денови, кога ребалансот на буџетот ќе биде на дневен ред во Собранието“, пишува Николовски
