Ф’стаците се многу повеќе од вкусна ужина. Овие јаткасти плодови се богати со растителни протеини, влакна, здрави масти, витамини и минерали кои можат да играат важна улога во одржувањето на здравјето.
Кога се јадат умерено и како дел од балансирана исхрана, тие можат да придонесат за здравјето на срцето, очите и дигестивниот систем.
Здрави масти
Ф’стаците содржат незаситени масни киселини и фитостероли кои можат да помогнат во одржувањето на здраво ниво на холестерол. Затоа, нивната умерена консумација може да се вклучи во исхраната што придонесува за зачувување на здравјето на срцето.
Покрај здравите масти, тие се добар извор на растителни протеини и влакна. Овие хранливи материи придонесуваат за чувството на ситост, додека влакната помагаат во нормалното функционирање на дигестивниот систем.
Ф’стаците содржат и лутеин и зеаксантин, антиоксиданси кои се наоѓаат во мрежницата на окото и играат улога во одржувањето на здравјето на видот. Исто така, постои и витамин Б6, важен за нормално функционирање на нервниот и имунолошкиот систем, како и за формирање на црвени крвни зрнца.

Умереноста е важна.
Иако се богати со хранливи материи, ф’стаците имаат и значителна енергетска вредност, па затоа е важно да се внимава на количината. Типична порција е околу 30 грама, што е приближно 45 до 50 ф’стаци, во зависност од нивната големина.
Благодарение на комбинацијата од протеини, влакна и масти, тие можат да ни помогнат да останеме сити подолго време и на тој начин претставуваат корисен дел од балансираната исхрана. Сепак, тие сами по себе не гарантираат губење на тежината, а целокупниот ефект зависи од вашите целокупни навики во исхраната.
Внимание при консумирање
Најдобар избор се несолените ф’стаци, бидејќи така се избегнува дополнителен внес на сол. Може да се јадат како ужина или да се додаваат во салати, овесни снегулки и други јадења.
Луѓето кои се алергични на ф’стаци или други јаткасти плодови треба да ги избегнуваат. Поради нивната калориска вредност, се препорачува умерена употреба, особено ако се следи вкупниот дневен внес на енергија.
Ф’стаците можат да бидат вреден дел од разновидна исхрана, но најголемите придобивки доаѓаат од комбинација на избалансирани оброци и здрави животни навики.
