Иранските вооружени сили официјално објавија крај на воените операции против Израел, но со строго предупредување дека ќе следат многу поразорни напади доколку Тел Авив продолжи со нападите врз Либан. Оваа одлука доаѓа веднаш по апелот на американскиот претседател Доналд Трамп и наводните пораки испратени од САД и Израел до Техеран.
Централниот штаб на „Хатам ал-Анбија“, клучното командно тело на иранските вооружени сили, го потврди прекинот на воените операции, а нивното драматично соопштение го пренесе полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс.
Во официјално обраќање, иранското воено раководство нагласи дека нивната претходна акција била успешна и дека претставува директна одмазда за израелските воени операции на либанска територија.
„По агресијата и злосторствата на бруталниот ционистички режим во јужен Либан и регионот Дахие, извршени со поддршка на криминалната Америка, моќните вооружени сили на Исламската Република Иран, во поддршка на угнетениот народ на Либан, дадоа болен одговор на овој режим“, се вели во соопштението на штабот на Хатам ал-Анбија.
Сепак, Техеран испрати недвосмислено предупредување: прекинот на воените операции е условен од однесувањето на Израел. Иранците изјавија дека доколку Израел продолжи со нападите врз јужна либанска територија, нивниот одговор ќе биде „многу посилен“ и поразорен од она што го видовме во последните денови.
Овој ненадеен пресврт на терен и смирување на тензиите доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно и категорично побара од Израел и Иран „веднаш да престанат со пукање“. Интервенцијата на Трамп дојде откако невидената размена на оган се закани целосно да ги попречи напорите за постигнување мировен договор и завршување на војната што економски го исцрпува целиот регион.
Израелскиот весник „Израел Хајом“ исто така потврдува дека зад затворени врати се одвивала интензивна дипломатска активност. Според нивните информации, постигнат е еден вид премолчен договор.
Израел и Соединетите Американски Држави испратија јасна порака до Техеран – гарантирано е дека нема да има нови израелски офанзивни напади, но само под услов Иран целосно да ги прекине нападите.
Овој ултиматум се чини дека вроди со плод, барем привремено извлекувајќи го Блискиот Исток од работ на тотална војна. Очите на светската јавност сега остануваат насочени кон следните потези на Израел, особено кога станува збор за операциите во Либан, што би можело да биде повод за ново будење на иранските ракети.
