Петер Маѓар, идниот унгарски премиер, изјави дека е подготвен да разговара за случајот со заплена на средствата на украинската „Ошчадбанка“ откако официјално ќе ја преземе функцијата, објави унгарскиот „Телекс“.
Унгарецот нагласи дека клучните аспекти на случајот остануваат нејасни и дека дискусиите за тоа ќе бидат можни дури откако ќе положи заклетва како премиер.
– Не знаеме што навистина се случило во случајот со обезбедувачот кој ги транспортирал парите, а видовме пропагандни вести – рече тој.
Унгарецот, исто така, повика на смиреност и воздржаност, како и на повторно отворање на нафтоводот „Дружба“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека се надева дека ќе може да разговара со Унгарија за запленување на средствата на „Ошчадбанка“.
Запленети две оклопни возила што превезувале пари од Украина
Да потсетиме дека на 6 март унгарските власти објавија дека под сомнение за перење пари, привеле седум државјани на Украина, меѓу кои и поранешен украински разузнавач, и заплениле две специјални оклопни возила кои транспортирале голема количина пари низ Унгарија.
Украина одговори дека Унгарија зела Украинци како заложници и нелегално запленила милиони долари во готово.
– Ова е државен тероризам и рекетирање – изјави тогаш украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Тој рече дека седумте лица се вработени во украинската државна банка „Ошчадбанк“ и патувале во две оклопни возила кои превезувале пари меѓу Австрија и Украина.
Паричната готовина била транспортирана во оклопни возила како дел од редовната работа на државните банки, рече тој, и додаде дека не е познато што се случило со приведените.
Осадбанк објави дека во Унгарија се запленети 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и девет килограми злато, во вредност од 1,5 милиони долари.
Унгарија ги врати возилата, парите и златото не
На 12 март, Унгарија врати две запленети оклопни банкарски возила во Украина, но ги задржа парите и златото, тврдејќи дека истражува наводно перење пари – обвинение што Киев го негира и го дефинира како кражба, објави „Киев Индепендент“.
