Саудиска Арабија се подготвува да ја продолжи својата војна против јеменските Хути во текот на следната година, и покрај поразите на бојното поле и нападите врз саудиските градови, објави Ројтерс, цитирајќи двајца западни претставници кои биле брифирани од Саудијците за плановите.
Саудиските власти сега очекуваат кампањата да трае до шест месеци, рекоа тие. Целта е јеменските сојузници на Ријад да постигнат напредок на терен пред какви било разговори со Хутите. Западните претставници зборуваа под услов на анонимност бидејќи разговорите не се јавни.
Трет извор запознаен со плановите на Саудиска Арабија ги потврди нивните тврдења. Сите тројца веруваат дека договорот за прекин на пошироката војна со Иран би можел да доведе и до смирување на конфликтот во Јемен.
Истиот извор вели дека Ријад верува дека американската офанзивна поддршка за саудиските операции во Јемен, која администрацијата на претседателот Доналд Трамп досега ја воздржуваше, би можела да го сврти текот на конфликтот и да им овозможи на сојузниците на Ријад да го постигнат посакуваниот напредок во рок од неколку недели.
Претставник на саудиското Министерство за надворешни работи одби да коментира за ставовите на саудиските претставници, како што ги опишаа западните соговорници.
Според Ројтерс, обновениот конфликт стана најактивен фронт во пошироката војна со Иран. Во Јемен, илјадници се убиени и ранети, а стотици илјади се раселени, додека во Саудиска Арабија војната ги попречува плановите за привлекување инвестиции надвор од нафтениот сектор и организирање големи светски настани.
Порази на бојното поле
Саудиска Арабија влезе во конфликтот во Јемен во 2015 година, предводејќи арапска коалиција, со цел да ја врати јеменската влада на власт откако Хутите го зазедоа главниот град Сана и поголемиот дел од земјата. Војната се претвори во крвав ќорсокак, а прекинот на огнот постигнат во 2022 година траеше до ова лето.
Откако борбите продолжија, Хутите го зазедоа брегот на Црвеното Море и стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб од силите поддржани од Ријад и го опседнаа Таиз, град на висорамнина над Аден, привременото седиште на владата на југот од земјата.
Јеменските владини сили минатиот месец започнаа контраофанзива и повторно зазедоа дел од територијата околу теснецот, но се повлекоа во текот на викендот за да го одбранат Аден, што претставуваше голем удар за нив. Според еден западен функционер, саудиските и јеменските сили сега се реорганизираат: планот е да се заштити Аден и на крајот офанзивата да се префрли на источните фронтови, каде што постигнале одреден напредок или барем ги задржале своите линии.
Саудиска Арабија во понеделник објави дека го сменила командантот на коалицијата што ја предводи. Според два извори запознаени со плановите на јеменската влада, се очекува наскоро да го промени и своето воено раководство.
Војна и во проповедите
Ријад досега го прикажуваше обновениот конфликт со Хутите како јеменско прашање, во кое кралството им помага на јеменските сојузници и се брани од прекугранични напади, но не е полноправна страна во војната. Тој став, пишува Ројтерс, е сè потешко да се одржи поради повторените напади врз саудиските градови.
Хутите неодамна го нападнаа облакодерот во кој се наоѓа седиштето на државната нафтена компанија „Арамко“ во Ријад, правејќи голема дупка во него. Серија смртоносни напади го затворија аеродромот во Ријад за повеќето летови од октомври.
Како резултат на тоа, престижни настани како што е инвестициската конференција на FII се откажани или одложени. Азискиот куп на АФЦ во фудбал, клучен дел од кампањата на Саудиска Арабија да стане глобален спортски центар, е поместен од јануари во декември 2027 година.
Саудиските власти редовно издаваат предупредувања пред нападите уште од минатиот месец, по што следуваат подетални изјави кратко потоа, додека претходно објавуваат многу помалку информации. Дистрибуцијата на фотографии и видеа од последиците од нападите останува кривично дело, но заменик-гувернерот на Ријад ја обиколил кулата „Арамко“ два дена по нападот, а државните медиуми ја прикажале штетата.
Воената порака стигна и до џамиите, каде што владата ги поставува темите за проповедите, кои инаку се посветени на секојдневни теми како што се бракот или добрососедските односи. Во една од поголемите џамии во Ријад минатиот петок, цела проповед беше посветена на конфликтот со Хутите. Имамот им вети на борците „победа или мачеништво“ и прочита молитва за саудиските војници на јужната граница.
„О, Алах, направи им ги истрелите прецизни, направи им ги чекорите цврсти и дај им победа над оние што се нивни непријатели“, рече имамот.
