back to top
19.8 C
Skopje
четврток, 19 ноември , 2026

Американски министер изготвува правила што ги фаворизираат бизнисите на неговите синови?

Други наслови

Американскиот министер за трговија Хауард Лутник предлага нови правила за извоз и употреба на напредни чипови на Nvidia, што би можело да донесе финансиски придобивки за компанија поврзана со неговото семејство.

Според истрагата на „Њујорк тајмс“, правилата предложени од Министерството за трговија би го олесниле пристапот до американската технологија за неколку центри за податоци во Азија, вклучувајќи и објект во Малезија за кој се очекува да биде опремен со напредни Nvidia сервери за вештачка интелигенција.

Центарот, познат како A201, е управуван од сингапурската компанија Bitdeer и планира да го изнајми својот компјутерски капацитет на големите кинески технолошки компании. Според изворите цитирани од весникот, кинескиот гигант Tencent е меѓу потенцијалните клиенти.

Семејството Лутник има врска со „Кантор Фицџералд“, порано водена од Хауард Лутник, а моментално управувана од неговите синови. Фирмата обезбедувала финансиски услуги за „Битдир“ и учествувала во нејзините првични јавни понуди. Исто така, има индиректен финансиски интерес во компанијата.

„Битдир“ очекува центарот А201 да генерира приходи од над 1,7 милијарди долари во следните пет години.

Прашањето е особено чувствително поради ограничувањата на САД кон Кина. Вашингтон забрани директен извоз на најнапредните чипови на Nvidia во земјата, но кинеските компании можат да пристапат до истата технологија со изнајмување на компјутерски капацитет од центри за податоци во трети земји.

Администрацијата на Трамп разгледува нови правила што би се применувале во неколку земји, вклучувајќи ги Малезија, Сингапур, Тајланд, Индонезија, Бразил, Јужна Африка и Норвешка. Сепак, предлогот би барал од компаниите да ја известат американската влада само ако кинеските клиенти ги користат нивните сервери за обука на модели на вештачка интелигенција, без да биде потребна лиценца во секој случај.

Критичарите предупредуваат дека таков пристап би можел да им овозможи на кинеските компании да продолжат да ја експлоатираат американската технологија преку центри за податоци надвор од Кина.

Во меѓувреме, во Вашингтон постојат разлики околу сериозноста на ограничувањата. Некои официјални лица сакаат тие да се применуваат глобално, додека предлогот на Министерството за трговија предвидува поограничен список на земји и ослободување на центрите кои веќе се опремени со соодветната технологија.

Случајот покренува прашања за потенцијални судири на интереси, бидејќи одлуките на министерството предводено од Лутник би можеле да влијаат на секторот каде што компанијата на неговото семејство има значајни финансиски интереси.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести