ФБИ истражува наводна провала во Националниот информативен центар за криминал (NCIC), база на податоци преку која федералните и локалните полициски агенции разменуваат информации за налози за апсење и безбедносни проверки.
Според Би-Би-Си, американските медиуми се повикуваат на две лица запознаени со случајот.
Веста доаѓа по серија технички прекини што ги погодија банките, контролата на воздушниот сообраќај и други сектори во САД минатата недела. Официјалните лица велат дека тие не биле предизвикани од сајбер напади, но прекините го привлекле вниманието на законодавците.
Оваа недела беше отпуштен и Шон Кернкрос, директорот на Канцеларијата за национална сајбер безбедност на Белата куќа. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека тој „не е доволно добар“.
Ова не би бил прв пат хакерите да го нападнат ФБИ. Во септември, ФБИ соопшти дека истражува упад што ѝ се припишува на хакерската група ShinyHunters.
Групата тврдеше дека украла чувствителни податоци на сите вработени во ФБИ, околу 38.000 од нив.
По нападот, поранешен агент на ФБИ изјави за Би-Би-Си дека се плаши за безбедноста на сегашните вработени, бидејќи нивните лични податоци наскоро би можеле да бидат достапни онлајн, за криминалци и хакери од непријателски земји.
NBC, одделно, објави дека Министерството за земјоделство на САД (USDA) било хакирано. Според NBC, вработените биле известени во четврток дека системот за исплата на земјоделците е компромитиран. Министерството сè уште не дало јавно коментар за ова прашање.
