back to top
17.8 C
Skopje
среда, 16 септември , 2026

Мексикански градоначалник застрелан на плоштад пред десетици луѓе, меѓу кои и неговото семејство

Други наслови

Градоначалник во западната мексиканска држава Мичоакан беше застрелан на плоштад пред десетици луѓе – вклучувајќи го и неговото семејство – кои се собраа за прославите на Денот на мртвите, соопштија властите.

Градоначалникот на Уруапан, Карлос Алберто Манцо Родригез, беше застрелан во саботата вечерта во историскиот центар на градот.

Тој бил итно префрлен во болница, каде подоцна починал, според државниот обвинител Карлос Торес Пиња, пишуваат странските медиуми, пренесува Телеграф.

Во нападот беа повредени и член на градскиот совет и телохранител.

Напаѓачот бил убиен на местото на настанот, изјави за новинарите во неделата секретарот за федерална безбедност Омар Гарсија Харфух.

Нападот врз градоначалникот го изврши неидентификуван маж кој го застрелал седум пати, рече Гарсија Харфух.

Оружјето било поврзано со два вооружени судири меѓу сопернички криминални групи што дејствувале во регионот, додаде тој.

„Не се исклучува никаква насока на истрагата за разјаснување на овој кукавички чин што го одзеде животот на градоначалникот“, рече Гарсија Харфух.

Мичоакан е една од најнасилните држави во Мексико и е бојно поле меѓу картелите и разни криминални групи кои се борат за контрола на територијата, патиштата за дистрибуција на дрога и други нелегални активности.

Во неделата, стотици жители на Уруапан, облечени во црно и носејќи слики од Манцо Родригез, излегоа на улиците на градот за да ја придружат погребната поворка и да се збогуваат со убиениот градоначалник.

Тие скандираа „Правда! Правда! Надвор од Морена!“, алудирајќи на владејачката партија на мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум.

Во последните месеци, градоначалникот на Уруапан јавно апелираше до Шајнбаум преку социјалните мрежи за помош во справувањето со картелите и криминалните групи.

Тој ги обвини провладиниот гувернер на Мичоакан, Алфредо Рамирез Бедоља, и државната полиција за корупција. 

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести