Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека интерпелацијата што му ја достави „Левица“, а која е на дневен ред на денешната собраниска седница, е слаб политички обид да се забави процесот на чистење на криминалот и корупцијата.
Со тоа, вели тој, „Левицa“ уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ.
„Левицата ја објави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две, и оваа беше повторно објавена преку монтирана прес-конференција, повеќе со бесплатна политичка претстава отколку со суштински аргументи“, напиша Тошковски на својот Фејсбук профил по објавувањето на интерпелацијата од „Левица“.
Според министерот Тошковски, интерпелацијата е демократско право на опозицијата и, како што вели, тој целосно го почитува ова право.
„Ниту сум избегал, ниту ќе избегам од дебатата. Напротив, ќе ги соочам аргументите таму каде што се потребни, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Таму, секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката ќе ја донесат избраните претставници на народот, во согласност со својата совест и одговорност. Но, исто така не можам да молчам за нешто што одамна им е јасно на граѓаните. Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисен сојузник на СДСМ и ДУИ. Истите партии против кои изградија слика за алтернатива и ветуваа поинаква политика, денес практично ги бранат преку напади врз секој што се обидува да воспостави ред, одговорност и функционирање на системот“, напиша Тошковски.
