back to top
20.8 C
Skopje
четврток, 8 октомври , 2026

Министерот Серафимовски додели осум решенија за упис на корисници на заштитената географска ознака „Мариовски мед“

Други наслови

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денеска во Битола им додели на осум пчелари решенија за упис во Регистарот на корисници на географски ознаки за заштитената географска ознака „Мариовски мед“. Решенијата беа врачени на отворањето на 29. манифестација „Денови на македонското пчеларство“, во организација на Пчеларското здружение „Нектар“.

„Зад овој резултат стојат околу десет години работа и истрајност на пчеларите во заштитата на географското потекло на мариовскиот мед. Ова е важен чекор за пчеларите од Мариово, кои со својот труд го градат угледот на овој производ и покажуваат како локалното производство може да добие поголема вредност и препознатливост“, истакна министерот Серафимовски.

Тој посочи дека географската ознака ја потврдува врската на медот со неговото потекло и го штити називот од злоупотреба, истовремено создавајќи основа за подобра промоција и посилна пазарна позиција на производителите, а на потрошувачите им обезбедува појасна информација за производот и поголема доверба при изборот.

„Користењето на ознаката е поврзано со исполнување утврдени услови и со проверка на соодветноста на производството со одобрениот елаборат. Заедно со правото да се користи заштитениот назив, доаѓа и одговорноста да се зачуваат неговите посебни карактеристики“, рече министерот Серафимовски.

Тој додаде дека препознатливото потекло на мариовскиот мед отвора можности за дополнителен приход преку атрактивно пакување, соработка со угостителството и поврзување со понудата на руралниот туризам.

„Како ресорно министерство, нашата задача е да им помогнеме на производителите да ја препознаат и заштитат вредноста на нашите домашни, македонски производи и да ги претстават пред потрошувачите“, порача министерот Серафимовски.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести