back to top
9.8 C
Skopje
сабота, 17 октомври , 2026

Пократки денови, порано стемнување: следниот викенд почнува зимското сметање на времето

Други наслови

Следниот викенд, ноќта меѓу сабота и недела, на 25 октомври, повторно преминуваме на зимско сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе ги вратиме еден час назад, од 3 на 2 часот по полноќ. Тоа значи еден час подолго спиење, но и порано стемнување, што многумина ќе го почувствуваат уште од првиот ден.

Во сабота, на 24 октомври, сонцето ќе зајде во 17:39 часот, додека во недела, по промената на часовникот, ќе зајде во 16:37 часот. Целосно ќе се стемни околу 19:12 часот во сабота, односно околу 18:11 часот во недела.

Тоа значи дека, иако ќе спиеме еден час подолго, попладневната светлина ќе ја губиме порано. Во следните недели деновите дополнително ќе се скратуваат, сè до почетокот на зимата.

Промената на часовникот може да влијае врз сонот и концентрацијата

Иако многумина со нетрпение го очекуваат дополнителниот час за спиење, на организмот може да му треба време за да се приспособи на новиот распоред.

Нашето тело има природен биолошки часовник кој го регулира спиењето и будењето. Кога ќе се промени секојдневниот ритам, некои луѓе може да почувствуваат замор, поспаност во текот на денот, проблеми со спиењето или потешкотии со концентрацијата.

Приспособувањето е различно кај секого. Кај некои луѓе трае само неколку дена, додека кај други може да потрае и подолго. Постарите лица и луѓето со хронични заболувања треба да бидат особено внимателни ако забележат промени во спиењето или здравствената состојба.

Кај лицата со срцеви заболувања важно е редовно да се зема пропишаната терапија и да не се менуваат лековите или времето на нивното земање без совет од лекар.

Што да направите за полесно да се навикнете?

За полесно да ја поминете промената, обидете се да легнувате и да станувате во приближно исто време секој ден. Поминувајте повеќе време на дневна светлина, движете се редовно и избегнувајте кафе и други пијалаци со кофеин во доцните вечерни часови.

Важно е да не го нарушувате премногу распоредот за спиење и да му дадете време на телото да се приспособи. Ако имате хронично заболување и забележите невообичаени симптоми, обратете се кај лекар.

Зимското сметање на времето ќе трае до 28 март 2027 година, кога стрелките повторно ќе се поместат еден час нанапред и ќе започне летното сметање на времето.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести