Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека се обидува да изврши притисок врз Украина да се предаде на Русија.
Зеленски рече дека предложил да се исполни барањето на Трамп да не се напаѓаат руските рафинерии, така што за возврат Украина ќе добие дополнителни ракети за противвоздушните системи „Патриот“ .
„Мојот предлог беше: нема да ги таргетираме руските погони за производство на дизел, а вие ни давате ракети за системите „Патриот“, со цел да ги заштитиме нашите погони. Сепак, тие само бараат од нас да ги запреме нападите врз дизел. И ако продолжиме со овие напади, ќе ни одземат уште нешто“, изјави Зеленски за „Блумберг“.
Тој оцени дека Вашингтон неодамна извршил низа „непријателски потези“ кон Киев, вклучително и намерно забавување на интернетот преку системот „Старлинк“, како и одложување на испораките на ракети за системот „Патриот“.
„Верувам дека се преземени чекори за да се убеди Украина да капитулира. Не тврдам дека тоа е целта кон која се стремат нашите партнери. Не сакам ни да помислам дека нашите американски партнери веруваат дека војната може да се заврши побрзо на сметка на Украина. Но, токму така изгледа“, рече Зеленски .
Зборувајќи за претстојните среднорочни избори воСоединетите Американски Држави , тој рече дека „нè очекуваат опасни денови пред изборите“, но додаде и дека односите со САД би можеле да се подобрат по нив.
„Политиката е многу агресивна за време на изборниот период. Мислам дека сега е вистинска агонија, но по изборите животот ќе продолжи и верувам дека ќе биде помирен“, рече тој.
Запрашан да процени кој наредил интернет-врската преку Starlink да се забави на територијата на Украина, тој рече дека тоа го наредила „владата или Белата куќа“, но исто така рече дека не може да ги открие изворите од кои го дознал ова.
Зеленски изјави дека САД моментално испорачуваат само 12 ракети-пресретнувачи „Патриот“ во Украина месечно, што е околу една четвртина од темпото што беше во сила за време на администрацијата на претходниот американски претседател Џозеф Бајден.
„Мислам дека американскиот претседател навистина има добри односи со Путин. Но, едно нешто не функционира: Трамп во моментов не може да го принуди Путин да ја заврши војната“, смета Зеленски.
На прашањето како би ги опишал напорите за санирање на односите со САД, Зеленски рече дека потенцијалните ризици за Украина имаат размери на цунами.
„Треба да реагираме додека е сè уште блага бура. Верувам дека е во прашање многу повеќе од договорот за дизелот“, рече претседателот на Украина.
