back to top
18.8 C
Skopje
четврток, 22 октомври , 2026

Обединетата македонска дијаспора ја започнува втората турнеја низ Германија

Други наслови

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) најавува втора официјална турнеја низ Германија, која ќе се одржи од 1 до 9 ноември 2026 година, со цел зајакнување на врските со македонската заедница, воспоставување нови партнерства и продолжување на иницијативата за формирање официјална подружница на ОМД во Германија.

„По успешната прва посета, за време на која беа остварени бројни средби со претставници на македонската дијаспора, здруженија, професионалци и активисти, ОМД ја продолжува својата мисија за создавање силна, организирана и меѓусебно поврзана македонска заедница во Германија“, велат од ОМД.

Во рамките на втората турнеја се планирани средби и активности во Карлсруе, Штутгарт, Дортмунд, Бремен, Хамбург и Берлин, како и разговори со претставници на македонски организации, црковни општини, бизнис-заедницата, млади професионалци и поединци кои активно придонесуваат за зачувување на македонскиот идентитет и за развојот на македонската дијаспора.

Главна цел – силна и организирана македонска заедница во Германија

Германија претставува еден од најзначајните центри на македонската дијаспора во Европа. Македонците во Германија со децении придонесуваат за економскиот, културниот и општествениот развој на земјата, истовремено одржувајќи силни врски со својата татковина.

ОМД смета дека постои огромен потенцијал за подобра координација, заедничко дејствување и институционално поврзување на македонските организации и поединци низ Германија.

„Нашата цел не е само да организираме средби, туку да изградиме долгорочна мрежа на Македонци кои ќе соработуваат, ќе се поддржуваат и заеднички ќе дејствуваат во интерес на македонската заедница и Македонија. Во Германија постојат извонредни поединци, успешни професионалци, претприемачи и организации кои со години неуморно работат за Македонија. Ние сакаме да ги поврземе, да ги слушнеме нивните идеи и да создадеме платформа преку која нивниот глас ќе биде уште посилен“, истакнува Гордан Јорданов, директор на ОМД за Македонија и Европа.

Посебен акцент ќе биде ставен на формирањето на ОМД Германија, како организациска структура која ќе овозможи континуирана комуникација, заеднички иницијативи и посилно застапување на интересите на Македонците во Германија.

Воедно, за време на посетата ќе бидат претставени можностите за вклучување на младите генерации, развивање професионални и деловни партнерства, како и глобалната платформа M-Link, чија цел е поврзување на Македонците ширум светот преку професионално вмрежување, менторство и нови можности за соработка.

Покана до сите Македонци во Германија

Обединетата македонска дијаспора упатува отворена покана до сите Македонци, македонски здруженија, црковни заедници, претприемачи, студенти и професионалци да се приклучат на средбите и активно да придонесат во разговорите за иднината на македонското организирање во Германија.

„Веруваме дека силата на македонската дијаспора не се мери само преку бројот на Македонци кои живеат надвор од татковината, туку преку нашата способност да бидеме обединети, организирани и подготвени да си помагаме едни на други. Сакаме да изградиме мостови меѓу генерациите, градовите и организациите, бидејќи само заедно можеме да постигнеме повеќе за Македонија“, додава Јорданов.

Деталните информации за локациите, термините и начинот на учество на средбите се објавени на нашите социјални мрежи.

За Обединетата македонска дијаспора (ОМД)

Обединетата македонска дијаспора (United Macedonian Diaspora – UMD) е меѓународна организација посветена на застапување на интересите на Македонците ширум светот, заштита и промоција на македонскиот идентитет, јазик, култура и наследство, како и зајакнување на врските меѓу Македонија и македонската дијаспора.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести