back to top
13.8 C
Skopje
четврток, 29 октомври , 2026

Мицкоски до Реџепи: Со вашето владеење избркавте 10 илјади луѓе од Брвеница, а сега истите тие ги молите да се вратат и да гласаат на етничка основа

Други наслови

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања одговарајќи на обвинувања на пратеникот на НАИ, Скендер Реџепи за пораките кои се испраќаат за време на кампањата во Брвеница истакна дека никој од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не повикал на етничко гласање.

„Околу делот на пораките коишто ги испраќате за тоа што сум зборувал јас кога бев во Брвеница, инаку мене не ми е првпат, јас не знам колку пати вие сте биле во таа општина, но јас сум ги поминал сите села таму и тоа некои од селата сум ги поминал и по неколку пати. Еве да речеме во Теново бев по четврти пат, во Радиовце по третпат, Седларце Брвеница, Гургурница, можам да ги редам, Стенче, Волковија, Блаце. Можам сите да ви ги редам сега, од првото до последното и на крај да завршиме во Челопек бидејќи таму правиме и градинка и спортска сала со парите од оваа влада. Дваесет години вие направивте нула проекти за Брвеница и резултатот од тие нула проекти господине Реџепи е 10 илјади иселени од кои 90% Албанци. И сега одите по Европа и по светот, коленичите и им викате вратете се во Брвеница да гласате затоа што не смеат кауриве да победат и да имаат свој градоначалник во Брвеница. Тие истите коишто избегаа од 20 години ваше владеење во владата. Вие ги избркавте“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така нагласи дека пораките кои што ги испраќал во Брвеница биле дека граѓаните треба да гласаат по сопствено убедување и да не дозволат да ги делат луѓе кои овие избори ги гледаат како сламка за спас на нивните кариери.

„Луѓе од вашата коалиција излегоа и повикаа на етничко гласање. Од оваа коалиција никој не излезе, ниту од ВМРО да рече гласајте етнички. Никој. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите. Тоа го направија од првиот ден. Немојте затоа што вие повторно ќе влегувате и во џамијата и во црквата. Повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат. За нив ова е сламка за нивната политичка кариера, а за вас е се. Немојте да дозволите ве молам, да ве делат туку излезете гласајте онака како што мислите дека треба да гласате за тој којшто мислите дека е подобар. Се разбира јас сум дојден тука да го поддржам кандидатот којшто е на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но вие одлучете. Немојте да влијаат луѓе од минатото за вашата иднина. Тоа беше мојата порака и до жителите на Тетово“, нагласи Мицкоски.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести