За да се намали дупката во Фондтот за пензиско осигурување од приближно една милијарда евра годишно, Владата разгледува неколку можни решенија, по алармот на Фискалниот совет дека се потребни итни реформи. Премеирот Христијан Мицкоски вели дека компаниите кои управуваат со средствата кои се уплаќаат во вториот пензиски столб потфрлиле оти приносите се трипати помали од она што било договорено пред 20 години, поради што смета дека така не може да се продолжи.
„Имаме неколку сценарија коишто ги разгледуваме. Да речеме, што се случувало во Европа, имаме целосно национализирање на вториот пензиски столб и тоа го имаат во неколку држави од централна Европа, како Унгарија, Полска и така натаму. Имаме скандинавско-балтички модел, концепт каде што една година или повеќе е стопирана уплатата во вториот задолжителен пензиски столб. Имаме и таков случај. Тоа е направено за да се намали буџетскиот дефицит и да се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции. Кај нас имаме случаи во коишто, за жал, компаниите коишто управуваат со вториот пензиски столб, приносите на средствата на граѓаните коишто се уплаќаат не се во онаа висина во којашто треба да бидат – тие се трипати помали“, вели премиерот Мицкоски.
Тоа според него е показател дека не се добри претприемачи, а во бизнисот, премиерот нагласи дека ако не си успешен на твое место доаѓа некој поуспешен. Владата разгледува и решение во кое на граѓаните ќе им се даде можност и самите да одлучуваат дали ќе го користат само државниот или ќе дозволат нивните средства да одвојуваат и во приватните пензиски столбови, за да се смени досегашниот начин на функционирање.
„Со легачење не може, или ќе се работи, ќе ги засукаат ракавите или не може веќе така како што досега функционираат работите. Очигледно дека притисокот станува сè поголем и не може тие компании коишто ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години, да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат. Еве, првите корисници ги добиваат средствата, тие се премногу мали и нормално, бидејќи се премногу мали, државата за до минималната пензија, онаа социјална сигурност што ја има, треба дополнително седа дава средства. Мислам, тоа нема логика. И тука сме многу принципиелни“, рече премиерот Мицкоски.
Тој уверува дека средствата од вториот столб на граѓаните кои досега биле уплаќани се нивни и нема да ги изгубат без разлика кое решение ќе биде избрано.
Фискалниот совет пред еден месец предупреди дека пензискиот систем во Македонија се наоѓа пред сериозен финансиски предизвик оти анализите покажале дека вкупниот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – ПИОМ, заедно со обврските кон вториот пензиски столб и здравственото осигурување на пензионерите, се искачи на ниво од речиси една милијарда евра годишно поради што препорача итни реформи.
