back to top
8.8 C
Skopje
сабота, 14 ноември , 2026

Од утре задолжителна зимска опрема за сите возила

Други наслови

Од утре, 15 ноември, стапува во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема за сите возила кои учествуваат во јавниот сообраќај на патиштата. Обврската ќе важи до 15 март, а возачите се должни да ги исполнат пропишаните услови за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови.

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека задолжителната зимска опрема е утврдена со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за задолжителна опрема на возилата.

За патничките возила со тежина до 3.500 килограми, зимска опрема подразбира зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри. Возачите можат да користат и летни гуми на сите четири тркала, исто така со минимална длабочина од четири милиметри, но во возилото задолжително треба да имаат синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

За возилата со погон на четири тркала (4х4), зимските гуми треба да имаат минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Доколку се користат летни гуми, тие треба да имаат шара од најмалку четири милиметри, а во возилото треба да има синџири за снег. Кај возилата со постојан погон на четири тркала, синџирите треба да бидат најмалку за задната осовина, додека кај возилата со преклоплив погон треба да одговараат на постојано вклучената осовина.

За товарните возила потешки од 3.500 килограми, задолжителни се зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Дозволена е и употреба на летни гуми со најмалку четири милиметри шара, доколку возилото има синџири за снег или други соодветни помагала.

Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и лопата како прирачен алат.

Од МВР појаснуваат дека за зимски гуми се сметаат оние на чија странична страна има ознаки „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симбол на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Воедно, потсетуваат дека во патниот сообраќај е забрането користење пневматици со клинци.

Од Министерството апелираат до возачите да ја почитуваат законската обврска и навреме да ги подготват возилата за зимските услови, со цел да се обезбеди побезбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести