Во сабота, на 21 ноември, во Охрид ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство, како и против институционалното непостапување. Протестот е најавен од 12 до 14 часот.
Како што се наведува во повикот, протестот е поттикнат од гневот и загриженоста поради насилството врз жените, но и од случајот на насилство што го потресе Охрид.
„Насилството не се случува само ‘некаде таму’, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“, се наведува во повикот.
Организаторите бараат заштита, одговорност и конкретни промени, изразувајќи незадоволство од институциите кои, како што посочуваат, не реагираат навреме.
„Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме. Не сакаме да чекаме да биде предоцна“, се наведува во повикот.
Собирот ќе почне на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, од каде што поворката ќе продолжи низ Охридската чаршија до СВР Охрид, потоа по булеварот „Македонски просветители“, а ќе заврши пред Основниот суд во Охрид.
