Вториот Гренд слем турнир во сезоната ќе помине без еден од најдобрите тенисери на денешницата, бидејќи Карлос Алкараз мораше да го откаже настапот на Ролан Гарос, турнирот што му е омилен во календарот.
Денес, Алкараз ги доби резултатите од ултразвукот на тетивата на раката, по што беше потврдена најлошата можна вест, а тоа е дека тој ја пропушта целата сезона на земјена подлога.
По Мастерсот во Мадрид, кој се игра моментално и кој мораше да го пропушти, Алкараз нема да настапи на Мастерсот во Рим, ниту на најголемиот турнир на земјена подлога – Ролан Гарос.
„По резултатите од тестовите спроведени денес, одлучивме дека е најразумно да бидеме претпазливи и да не учествуваме во Рим и Ролан Гарос, додека чекаме да го процениме развојот на ситуацијата за да одлучиме кога ќе се вратам на теренот. Ова е комплициран момент за мене, но сигурен сум дека ќе излезам од тука посилен“, напиша Алкараз на Твитер.
Ова ќе го остави Алкараз без важни бодови бидејќи ја бранеше титулата, а Јаник Синер сигурно ќе ја зголеми својата предност на првото место. Италијанецот има и шанса да ја продолжи својата доминација во светскиот тенис бидејќи неговиот најголем ривал нема да биде на турнирот.
Останува прашањето кога Алкараз ќе се врати на теренот и дали ќе биде подготвен за дел од сезоната на трева, вклучувајќи го и Вимблдон.
