Бројот на луѓе кои страдаат од рак во Велика Британија достигна рекордно ниво, според истражувањето на Cancer Research UK, во кое се наведува дека кај повеќе од 403.000 луѓе секоја година се дијагностицира некаков облик на рак.
Ова значи дека болеста се открива кај едно лице приближно на секои 80 секунди, пренесува Танјуг. Во извештајот се наведува дека зголемувањето е резултат на „стареењето и растот на населението“, пренесува Скај њуз.
Стапките на болеста се зголемија за 15 проценти од почетокот на 1990-тите, делумно поради фактори како што е дебелината.
Извршната директорка на оваа хуманитарна организација, Мишел Мичел, изјави дека на повеќе луѓе им е дијагностициран рак од кога било досега.
Таа забележа дека иако преживувањето од рак се дуплирало од 1970-тите, напредокот се забавил во последната деценија.
Мичел додаде дека неодамна објавениот Национален план за акција против ракот би можел да донесе значителни промени, но само ако се претвори во конкретни подобрувања за пациентите.
Во извештајот „Ракот во Британија 2026“ се вели дека планот за Англија е клучен чекор кон подобрување на третманот, но предупредува дека се потребни дополнителни средства и ресурси за „да се претворат амбициите во резултати“.
Организацијата предупредува дека се потребни итни мерки за рано откривање на болеста, посочувајќи дека нешто повеќе од половина од пациентите во Велика Британија се дијагностицираат во рана фаза, при што овој процент останува практично непроменет со години.

Исто така, се препорачува проширување на програмите за скрининг на белите дробови, кои би можеле да откријат до 7.800 дополнителни случаи на рак годишно доколку програмите во Англија се оптимизираат.
„Cancer Research UK“ исто така повикува на зајакнување на превенцијата, наведувајќи дека е клучно доследно да се спроведува Законот за тутун и вејпинг.
Овој закон би ја забранил продажбата на цигари на лица родени по 2008 година.
Организацијата, исто така, предлага инвестирање во специјализиран персонал и опрема за намалување на листите на чекање, истакнувајќи дека околу 107.000 пациенти во 2025 година чекале повеќе од 62 дена за да започнат со третман.
Портпаролот на британското Министерство за здравство и социјална грижа изјави дека во последните 12 месеци е спроведен рекорден број дијагностички тестови, со дополнителни 26 милијарди фунти за Националната здравствена служба (NHS).
Тој исто така изјави дека бројот на пациенти кои добиваат навремена дијагноза или потврда дека немаат рак е најголем во последните пет години.
„Нашиот Национален план за рак предвидува побрза дијагноза, поран третман и подобра поддршка за пациентите, со цел до 2035 година, 75 проценти од пациентите да живеат без болести или со добар квалитет на живот пет години по дијагнозата“, се вели во соопштението.
Исто така, се додава дека Законот за тутун и вејпинг, кој наскоро ќе стапи на сила, ќе помогне во заштитата на идните генерации од рак.
