Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Женева учествуваше на состанокот со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран од Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат.
На состанокот, одржан во седиштето на Обединетите нации во Женева, Стерјовски се обрати во име на македонската заедница во Албанија, укажувајќи на предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство, особено во контекст на европската интеграција на Албанија.
Во своето обраќање, Стерјовски истакна дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија, лојални граѓани кои ги почитуваат институциите и придонесуваат за развојот на државата, но дека нивниот идентитет денес се соочува со сериозни предизвици.
Посебно внимание посвети на, како што истакна, растечкиот политички притисок од страна на Бугарија врз Албанија, која ја користи својата позиција како членка на Европската Унија и влијанието во процесот на проширување за да ја унапредува својата национална агенда во Албанија.
Стерјовски изрази загриженост поради промовирањето на тврдењата дека Македонците во Албанија се Бугари, како и обидите за наметнување бугарски идентитет преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.
„Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, нагласи Стерјовски.

Тој потенцираше дека малцинските права не смеат да бидат инструментализирани за геополитички цели и дека никому не смее да му биде наметнуван идентитет спротивен на неговото слободно право на самоопределување.
Покрај надворешните притисоци, Стерјовски ги посочи и долготрајните проблеми со кои се соочува македонската заедница во Албанија, меѓу кои недоволната институционална поддршка за зачувување и развој на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, недоволната политичка застапеност и учество во процесите на донесување одлуки.
Тој укажа и на сериозните социо-економски предизвици, како што се депопулацијата, миграцијата, ограничените можности за вработување и недоволните инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој, кои директно влијаат врз иднината и опстанокот на македонските населени места и зачувувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет.
Во своето обраќање, Стерјовски упати повик до Специјалниот известувач на ОН, Николас Леврат, да посвети посебно внимание на положбата на македонското малцинство во Албанија и да оствари официјална посета на земјата, при што би се сретнал со претставници на македонската заедница и би ги посетил областите населени со Македонци, за непосредно да се запознае со нивната положба и предизвиците со кои се соочуваат.
Исто така, побара од Специјалниот известувач да стапи во контакт со албанските власти и да ја нагласи нивната обврска за целосна заштита на правата на националните малцинства, согласно меѓународните стандарди за човекови права и обврските преземени во рамките на процесот на европска интеграција.
„Албанија заслужува европска иднина, а македонското малцинство заслужува да биде рамноправен и почитуван дел од таа иднина“, порача Стерјовски во своето обраќање пред претставниците на Обединетите нации.
Учеството на претседателот на МАЕИ на овој меѓународен состанок е реализирано со поддршка на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада. Ова учество претставува значајна можност прашањето за положбата, остварувањето на правата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија да биде актуелизирано и презентирано пред релевантните механизми на Обединетите нации, соопштуваат од МАЕИ.
