back to top
10.8 C
Skopje
недела, 1 ноември , 2026

ЗНАМ со порака за правосудниот испит: Јазичните права мора да бидат во рамките на Уставот

Други наслови

Движењето ЗНАМ остро ги осуди нападите врз претседателот Максим Димитриевски, оценувајќи дека зад нив стојат обиди за наметнување политички наративи и етнички агенди кои, според партијата, ги доведуваат во прашање унитарниот карактер и уставниот поредок на државата.

Од ЗНАМ реагираат дека политичките барања и етничките агенди не смеат да се претставуваат како борба за граѓански права, ниту, како што велат, да се релативизираат темелните вредности врз кои почива македонската државност.

„Граѓанските права се универзални и еднакви за сите, но тие не смеат да бидат параван за политички проекти што ја доведуваат во прашање унитарноста, функционалноста и суверенитетот на државата“, наведуваат од партијата.

Во реакцијата се осврнуваат и на актуелните барања правосудниот испит да може да се полага на албански јазик. Од ЗНАМ велат дека ги почитуваат јазичните права на сите граѓани, но нагласуваат дека нивното остварување мора да биде во согласност со Уставот и законите.

Својот став го темелат на четири правни аргументи. Првиот се однесува на членот 7 од Уставот, со кој македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се утврдени како службен јазик на целата територија на државата и во меѓународните односи, додека употребата на друг службен јазик е уредена со посебни уставни и законски одредби.

Како втор аргумент ја посочуваат оценката на Венецијанската комисија од декември 2019 година за Законот за употреба на јазиците. Според ЗНАМ, Комисијата изнела сериозни забелешки за одредени законски решенија, особено во делот на нивната примена во правосудството, укажувајќи на можни ризици за ефикасноста на судските постапки и правото на правично судење.

Третиот аргумент се однесува на посебните закони со кои се уредуваат правосудните професии. Од партијата наведуваат дека Законот за судовите, Законот за јавното обвинителство, Законот за адвокатурата, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за извршување и Законот за нотаријатот содржат услови поврзани со познавањето на македонскиот јазик.

„Познавањето на македонскиот јазик не е формалност, туку составен дел од професионалната подготвеност и предуслов за законито и ефикасно функционирање на правосудството“, се наведува во реакцијата.

Четвртиот аргумент се однесува на Законот за правосудниот испит и Законот за употреба на јазиците. Од ЗНАМ посочуваат дека во постојната нормативна рамка не е уредена можноста правосудниот испит да се полага на друг јазик освен на македонскиот.

Притоа, прават разлика меѓу правото на употреба на службен јазик во постапките пред институциите и полагањето професионален испит на тој јазик, оценувајќи дека станува збор за прашања со различна правна природа.

Според партијата, секое евентуално поинакво решение мора да има јасна уставна и законска основа, да биде усогласено со прописите што го уредуваат правосудниот систем и да обезбеди еднакви правила и правна сигурност за сите кандидати.

Од ЗНАМ порачуваат дека нема да прифатат политички притисоци и обиди преку селективно толкување на законите да се наметнуваат решенија за кои сметаат дека го поткопуваат уставниот поредок.

„Нашата визија е држава на еднакви граѓани, со функционални институции, владеење на правото и јасна европска перспектива. Држава во која правата на секој граѓанин се почитуваат, но и обврските се еднакви за сите“, наведуваат од партијата.

Во завршницата на реакцијата, од ЗНАМ упатуваат порака дека нема да дозволат враќање на политиките што ги поврзуваат со етнички поделби и политички пазарења.

„Реприза на ДУИ-ленд нема да дозволиме. Тоа време заврши! Македонија не смее повторно да се враќа назад, ниту да биде заложник на политиките што со години ја држеа во место. Работиме и се залагаме да изградиме ново поглавје – поглавје на стабилност, одговорност, европски вредности и напредок. Затоа што нашата иднина е европска, нашата држава е унитарна и нашата обврска е Македонија“, порачуваат од ЗНАМ.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести