Болница во кантонот Вале во Швајцарија предизвика контроверзии со иницијативата за охрабрување на вработените да се вакцинираат против сезонскиот грип, нудејќи им дополнителни пет недели платен одмор на пет вработени кои ќе бидат избрани преку лотарија.
Кампањата за вакцинација трае од 11 ноември до 23 декември и има за цел да ја зголеми стапката на вакцинација кај персоналот, која во моментов се смета за недоволна од раководителите на институцијата, пишува 20Minuten .
Според болницата, само 15% од вработените се вакцинирани, додека целта е да се достигне 60% за да се ограничи ширењето на вирусот меѓу пациентите и персоналот.
Сепак, иницијативата предизвика незадоволство кај некои вработени, кои го сметаат овој метод на стимулација за притисок и неетичка практика, нагласувајќи дека персоналот се соочува со преоптоварување на работа, недостаток на персонал и тешкотии во користењето дури и на вообичаените слободни денови.
Синдикатите, исто така, реагираа против овој метод, оценувајќи дека болницата треба да се фокусира на подобрување на условите за работа и обезбедување повеќе ресурси за вработените, наместо да ја поврзува вакцинацијата со награда.
Синдикалистите, исто така, изразија загриженост за вработените кои не можат да бидат вакцинирани од медицински причини, објавува „Телеграф“.
Како одговор на критиките, раководителите на болниците појаснија дека дури и луѓе со медицински контраиндикации можат да учествуваат во лотаријата и дека иницијативата има за цел да ги награди превентивните мерки, без да казнува никого.
Институцијата објави дека ќе ја оцени кампањата по нејзиното завршување и ќе ги разгледа реакциите на вработените .
