Арсовска: Сериозно го отпочнавме процесот за изработка на ГУП-от

 Постапките коишто требало да бидат отпочнати во 2020 година за Генералниот урбанистички план не беа отпочнати, па ние минатата година во координација со надлежните институции, претежно со Агенцијата за просторно планирање, секторите при Градот Скопје и останатите коишто се вклучени во овој процес, сериозно го отпочнавме процесот и веќе се водат оние делови коишто се неопходни за граѓаните, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во одговор на новинарско прашање за доцнењето на новиот ГУП за Град Скопје.

Таа информираше дека следат јавните расправи во коишто граѓаните ќе можат да ги увидат сите промени коишто треба да се направат со Генералниот урбанистички план.

– Во најголемиот дел нивните барања коишто се доставувани во изминатите години се земаат предвид, затоа што имаше големи недоследности од аспект на тоа дека биле предвидени и извесни инфраструктурни објекти коишто веќе три децении не се имплементираат низ градот, па поради тоа извесен број на граѓани не можат да располагаат со сопствениот имот, односно со оние куќи што ги имаат, особено во делот на Крњево, рече градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека овие нивни забелешки од сите изминати години се земени предвид и се имплементирани и дека наскоро ќе можат да бидат повикаат и граѓаните на јавните расправи, за да можат практично да видат што се планира и да ги дадат своите забелешки и како експертска јавност, но и индивидуално, за да може процесот да заврши како што треба.