Благој Бочварски: “ЕБОР е силен поддржувач за капиталните проекти во патната и железничката инфраструктура“
Реализацијата на капиталните проекти со поддршка од ЕБОР во земјава во делот на патната, железничката и гасоводната инфраструктура, биле тема на разговор на денешната средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со новиот шеф на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој Фатих Туркменоглу.
![](https://mia.mk/articles/images/%D0%B1%D0%BE%D1%87%D0%B2%D0%B0%D1%80%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%B5%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%88%D1%81%D0%B8%D0%BB%D0%B5%D0%BD%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B4%D1%80%D0%B6%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%87%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BA%D0%B0%D0%BF%D0%B8%D1%82%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5sWSLu/kWVbQX92j/large.webp?use_watermark=0)
„Европската банка за обнова и развој е наш силен поддржувач во реализацијата на капиталните проекти во делот на патната и железничката инфраструктура во државата. Само за пример, до сега со поддршка од ЕБОР го изградивме експресниот пат Штип – Кочани, а активно работиме на рехабилитација на неколку регионални патни правци како Петровец – Катланово, Велес – Градско, Скопје – Блаце. Во делот на железничката инфраструктура, најголем проект кој го работиме со поддршка од ЕБОР е изградбата на железничката пруга кон Р. Бугарија. Уверен сум дека соработката ќе продолжи и во иднина, работиме на голем број проекти кои носат бенефит за националната економија и за граѓаните“, истакнал министерот Благој Бочварски.
Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, Благој Бочварски на средбата упатил честитки до Фатих Туркменоглу за преземањето на функцијата и му посакал многу успех, со надеж дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина како и досега.