Бочварски: “Преку голем број проекти и иницијативи до одржлив развој и побрза енергетска транзиција“
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска присуствуваше на Економскиот форум во Валандово, каде се обратил на панелот посветен на нови енергетски трендови и одржлив развој.
Тој потенцира дека преку голем број иницијативи и мерки што ги реализираше Владата успешно се ублажени последиците од енергетската криза и дополнително преку кои се придонесува кон енергетска транзиција. Тоа, нагласил, особено се рефлектираше во делот на поставување на фотонапонски електроцентрали од страна на домаќинствата и бизнис заедницата.
![Бочварски Економски форум Валандово 1](https://mia.mk/articles/images/%D0%B1%D0%BE%D1%87%D0%B2%D0%B0%D1%80%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BA%D1%83%D0%B3%D0%BE%D0%BB%D0%B5%D0%BC%D0%B1%D1%80%D0%BE%D1%98%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B5%D0%BA%D1%82%D0%B8%D0%B8%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D0%B4%D0%BE%D0%BE%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%BB%D0%B8%D0%B2%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%B2%D0%BE%D1%98%D0%B8%D0%BFBpp5R/GnbAxtOeT/medium.webp?use_watermark=0)
„Силно сме посветени во реализација на многубројни проекти со цел обезбедување одржлив развој, енергетска транзиција и носење иницијативи преку кои наметнуваме нови енергетски трендови. Минатата година поминаа измените во Законот за градење со кои ги поедноставивме процедурите за поставување фотоволтаици и можам да кажам дека сум задоволен од големиот интерес кај граѓаните и бизнисите, што значи дека политиките што ги водиме носат позитивни резултати. Во истата насока, активно ја градиме и гасоводната мрежа низ цела држава, а посветено работиме и на доизградба и реконструкција на патната и железничката инфраструктура, со што со сите овие проекти сериозно придонесуваме кон намалување на загадувањето и обезбедување поздрава животна средина и квалитетни услови за живот за сите граѓани“, истакна министерот Благој Бочварски, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Министерството за транспорт и врски, се подвлекува, продолжува активно да работи на реализација на голем број проекти со кои се обезбедуваат значајни бенефити за граѓаните и стопанството, со цел одржлива економија и забрзан раст и развој.