Венеција планира да ја зголеми цената на еднодневен престој на одредени туристи

Властите на Венеција одлучија од 18 април следната година да ги зголемат цените на еднодневните патувања, каде туристите кои во последен момент ќе одлучат да го посетат овој италијански град ќе треба да платат 10 евра за турата.

Ќе се зголеми и бројот на денови во кои треба да се плати сумата од 10 евра. Оваа одлука ќе се применува од секој петок до недела и на празници од 18 април до 27 јули 2025 година, односно вкупно 54 дена по сезона.

Инаку, овогодинешната сезона опфати вкупно 29 дена, каде туристите требаше да платат пет евра за да го обиколат градот.

Одлуката не се однесува на туристите кои престојуваат во венецијанските хотели бидејќи веќе ја плаќаат туристичката такса, а нема да важи за жителите, посетителите родени во Венеција, студентите и работниците. Дополнително, важно е да се нагласи дека оние туристи кои ќе направат резервација најмалку четири дена пред пристигнувањето, плаќаат сума од пет евра.

Градоначалникот Луиџи Бруњаро истакна дека целта на таксата е да им помогне на градот и на граѓаните во борбата против прекумерниот туризам и да се избегне голем прилив на посетители за време на празници и викенди.

Венеција е првиот град во светот кој се обидува да го реши проблемот со прекумерниот туризам. Постигнавме добри резултати“, рече градоначалникот.

По завршувањето на овогодинешната сезона, владата соопшти дека на овој начин успеале да соберат повеќе од два милиони евра, но жителите не беа задоволни. Многумина сметаат дека наплатувањето на билетите не ги спречило масовните посети на туристите и дека парите не се насочени кон решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите.

Исто така, Владата годинава донесе одлука за бројот на лица во туристичките групи, кои сега можат да имаат најмногу 25 лица. Забранија и користење на звучници, за водичите да не го вознемируваат локалното население.