Верстапен доби понуда вредна 264 милиони евра: Саудијците стојат зад проектот (фото)

Актуелниот четирикратен шампион во Формула 1, Макс Верстапен, наскоро би можел да го напушти Ред Бул, а наводно има клаузула во договорот што му дозволува да замине на лето доколку заврши под третото место во поредокот за возачи.

Како главен фаворит за доведување на Верстапен се споменува Астон Мартин, а La Gazzetta dello Sport сега пренесува детали од понудата која ја подготвуваат за Холанѓанецот.

Верстапен би можел да заработи дури 264 милиони евра од 2026 до 2028 година, или 88 милиони годишно, што би бил најголемиот договор во историјата на Формула 1.

Холанѓанецот моментално заработува 50 милиони годишно во Ред Бул.

Весникот „Газета“ пишува дека понудата за Верстапен ја води Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (ПИФ), со кој раководи престолонаследникот Мохамед бин Салман.

ПИФ досега главно се фокусираше на фудбалот, а беше одговорен за доаѓањето на Кристијано Роналдо во Ал Наср, а сега планира да инвестира во Формула 1.

Саудијците веќе контролираат 20 отсто од акциите на Aston Martin преку нафтената компанија Aramco и сакаат да станат мнозински сопственици бидејќи Лоренс Строл најави дека е подготвен да го продаде.