„Во крвта се пронајдени арсен и жива“: Како е отруена Маријана, сопругата на еден од клучните луѓе на Украина?

0

Маријана Буданова, сопругата на Кирил Буданова, началникот на Управата за разузнавачки работи на Министерството за одбрана на Украина, е хоспитализирана со симптоми на труење.

Ова го објавија повеќе медиуми во вторникот, 28 ноември, повикувајќи се на анонимни извори во украинската воена разузнавачка служба. Наводно, се избегнати сериозни последици, бидејќи труењето било навремено откриено.

Труењето подоцна го потврди портпаролот на тајната служба Андриј Јусов. Според него, лекувањето на Буданова е веќе завршено. Сепак, таа ќе остане под лекарски надзор во следните неколку недели. Како што пренесува украинскиот портал LIGA.net, повикувајќи се на Јусов, Кирило Буданов не бил отруен.

Труење со тешки метали?

Според поранешниот шеф на украинската разузнавачка служба Валериј Кондратјуков, во примероците од крвта на Маријана Буданова биле пронајдени тешки метали.

„Тестовите открија елементи како што се арсен и жива“, изјави Кондратјук за украинската телевизија NW.

Според него, неколку офицери на Тајната служба имале симптоми на труење.

„Не зборуваме за телохранителите кои ја придружуваат сопругата на Буданов, туку за високи функционери, раководители на одредени сектори кои се особено одговорни за операциите во Русија“, рече Кондратјук.

Тајната служба ниту ја потврдува ниту ја демантира оваа информација. Разузнавачката служба сè уште не одговорила на истрагатa.

Која е Маријана Буданова?

Малку може да се најде за Буданoва во отворени извори, познато е само дека сопругата на шефот на разузнавачката служба е родена во селото Ставишче во Киевската област. По професија е психолог, има 30 години, а десет години е во брак со Кирил Буданов.

Во интервју за магазинот „Еле“ во октомври 2022 година, таа рече дека го запознала својот сопруг есента 2013 година, непосредно пред демонстрациите против ненадејната најава на тогашната украинска влада дека не сака да го потпише планираниот договор за асоцијација со Европската Унијата. Последната фаза од протестите во пролетта 2014 година беше проследена со руска анексија на Крим и дестабилизација на земјата.

Нејзиниот сопруг од почетокот бил ангажиран во Донбас, каде двапати бил ранет. Таа самата доброволно се пријавила во болницата и им помагала на ранетите војници.

Во 2020 година, Буданова учествуваше на изборите за градскиот совет на Киев, кандидирајќи за партијата УДАР на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Партијата УДАР, сепак, не доби мандат. Една година по изборот, Буданова стана советник на Кличко и беше одговорна за борбата против корупцијата во областа на младинската политика и спорт.

Сè се смени на 24 февруари 2022 година“, вели Буданова во интервју за „Еле“ за денот кога започна војната во Украина.

Кирил Буданов подоцна за порталот „The War Zone“ изјави дека неговата сопруга предава психологија на Академијата на Министерството за внатрешни работи.

Заедно живеење во канцеларија

Самиот Кирил Буданов и неговата сопруга во многу од нивните интервјуа зборуваа за почетокот на руската инвазија, велејќи дека тие всушност се преселиле во канцеларијата на шефот на разузнавањето на 23 февруари 2022 година и оттогаш живеат таму заедно.

„Се спремивме и возевме на неговото работно место и оттогаш не сме биле дома. Не бевме особено подготвени за тоа. Зедовме документи, телефони и облека одредено време и така тргнавме“, рекла Маријана Буданова во интервју за „Еле“.

„Мојата сакана е секогаш со мене, таа живее со мене во канцеларија 24 часа на ден“, изјави нејзиниот сопруг за Радио Слобода во август 2023 година.

Обид за атентат врз Кирил Буданов

Летово прес-службата на Управата за разузнавачки работи на Министерството за одбрана извести дека Кирило Буданов веќе преживеал повеќе од десетина обиди за атентат и останал важна цел на руското разузнавање и на пропагандата на Путин.

„Секако дека се преземени сите безбедносни мерки, но тоа не влијае на неговата работа. Мислам дека прво треба да се плашат Путин и неговото најблиско опкружување“, изјави Андриј Јусов, портпарол на воената разузнавачка служба.

Претходно, Кирило Буданов во разговор со украинскиот новинар Дмитро Комаров за обидите за атентат рече дека тие се своевидно признание и само ќе покажат дека тој како шеф на украинската разузнавачка служба си ја завршил работата како што треба.

Во меѓувреме, Андреј Јусов рече дека Украина се сомнева дека Русија е вмешана во труењето на Маријана Буданова.

„Истрагата допрва ќе покаже дали е тоа така, но во моментов ова е нашата главна хипотеза“, изјави портпаролот на Дирекцијата за разузнавачки работи на Министерството за одбрана на Украина.