Првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши упати јавно прашање до првиот човек на ДУИ Али Ахмети, поранешниот прв човек на ДБК Сашо Мијалков и првиот човек на општина Сарај ,Блерим Беџети.
Гаши алудира на тајна средба на тројцата обвинети, со што се фрла сомнеж за евентуален договор за измени на Кривичниот законик.
„Додека сме на состаноците за измените на Кривичниот законик, имам уште едно прашање: Дали во општина Сарај имало тајна средба меѓу Али Ахмет, Блерим Беџети и Сашо Мијалков за да се договорат измените на Кривичниот законик? ! Која е улогата на Мијалков во овие промени?! Очекуваме одговор“, напиша Африм Гаши на Фејсбук.
Измените на Кривичниот законик ги изгласаа пратениците на парламентарното мнозинство, додека со нив се предвидува намалување на затворските казни за кривични дела сторени од државни функционери.