Германија: ЕУ нема да го исполни планот за испраќање милион артилериски гранати во Украина

– Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека планот на Европската Унија (ЕУ) за испорака на милион артилериски гранати на Украина до пролетта 2024 година нема да биде исполнет.

„Нема да се достигне еден милион. Тоа мора да го претпоставиме поради недоволниот производствен капацитет“, рече Писториус на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ во Брисел.

Писториус, исто така, јасно стави до знаење дека отсекогаш се сомневал во изводливоста на таа цел поставена од ЕУ во март.

„Не ветив милион, барем не свесно. И пред одлуката имаше гласови кои повикуваа на претпазливост. Внимавајте, лесно е да се одлучите за милион и има пари, но производството мора да биде тука“, објасни Писториус.

Членките на ЕУ на 20 март ѝ ветија на Украина дека ќе обезбедат еден милион артилериски гранати за војната со Русија во рок од 12 месеци. Досега се испорачани околу 300.000 од ветените артилериски гранати.

Од своја страна, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека проблемот не е индустрискиот капацитет.

„Причината што нема доволно муниција е затоа што компаниите ги испраќаат своите производи на други пазари. Можеби треба да се обидеме да го пренесеме ова производство на приоритетниот пазар, односно на украинскиот“, рече Борел.