Германски Бундестаг: „Стабилноста на Франција е загрозена“

0

– Михаил Рот, претседателот на Одборот за надворешни работи на германскиот Бундестаг, изјави дека стабилноста на Франција е загрозена во екот на масовните протести и немири на улиците што започнаа во вторникот кога полицаец од непосредна близина го уби 17-годишниот Нахел М., кој управувал со возило, а не запрел по полициското предупредување.

Во изјавата за германскиот лист „Билд ам Зонтаг“, Рот ги коментираше случувањата во Франција.

„Оваа неограничена деструктивност на младината, бесцелно насочена против сѐ и секого, е страшна ескалација. Државата мора да делува со сета сила по ова прашање. Безбедноста на многу луѓе и стабилноста на земјата се во прашање“, изјави Рот.

Истакнувајќи дека она што се случило во Франција не е изолиран инцидент, Рот посочи дека такви нешта никогаш не смеат да се толерираат.

„Ова никогаш не смее да се толерира. Би требало повеќе да разговараат едни со други и заедно да се бара решение пред да биде предоцна“, додаде Рот.

Паралелно со тоа, заменик-претседателот на германската Христијанско-демократска партија (CDU), Андреас Јунг, изјави дека причината за избувнувањето на насилствата на улиците во Франција ја гледа во поделбата на општеството.

„И покрај добриот економски развој, Франција е длабоко поделена земја. Многу млади Французи чувствуваат дека стагнираат и стравуваат за својата иднина“, изјави Јунг.

Тој додаде дека недостатокот на надеж и проблемите во интеграцијата, предизвикуваат големи потреси во предградијата, а екстремистите од сите страни „го потпалуваат огнот со бензин“.