Шведската климатска активистка Грета Тунберг вчера се упати кон Газа со бродот „Маделин“, кој носи хуманитарна помош за цивилното население, но израелската војска соопшти дека е „подготвена да дејствува“ за да го спречи пристигнувањето на бродот.
„Подготвени сме и за овој случај. Во последните години стекнавме потребно искуство и ќе дејствуваме соодветно “, изјави за лондонскиот „Тајмс“ Ефи Дефрин, портпаролка на Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Не прецизираше какви мерки би можела да преземе армијата.
Тунберг се качи на брод управуван од Коалицијата на флотилата на слободата (FFC) во Катанија, Италија, кој носеше основни потреби: млеко, храна за бебиња, пелени, брашно, ориз, хигиенски производи, филтри за вода и медицинска опрема.
Појасот Газа е под целосна блокада повеќе од 90 дена, со ограничувања на копно, море и воздух од 2007 година.
Во мисијата учествуваат 12 меѓународни активисти, меѓу кои и ирскиот актер Лиам Канингем, познат од серијата „Игра на тронови“.
Организаторите истакнуваат дека станува збор за ненасилна акција насочена кон „директно оспорување на нелегалната израелска опсада и предупредување за ескалација на воените злосторства“ .
За време на патувањето од Италија, активистите пријавија дека биле следени од дронови, за кои се сомневале дека ги користи грчката крајбрежна стража. Тие апелираа до меѓународната заедница да ја гарантира нивната безбедност на море.
Тунберг сподели снимки и фотографии од бродот на социјалните мрежи, вклучувајќи ја и едната на која држи палестинско знаме, завиткана во куфи, шамија, додека плива во Средоземното Море.
Пред да замине, таа рече: „Тука сме затоа што веруваме дека дури и кога шансите се против нас, не смееме да престанеме да се обидуваме. Во моментот кога ќе престанеме – ја губиме нашата човечност“, рече таа низ солзи.
Иако точната реакција на Израел на пристигнувањето на бродот сè уште не е позната, тензиите во регионот растат дополнително, а пристигнувањето на бродот во близина на блокираниот брег би можело да предизвика нова криза.