‘ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ’ – Денеска Макрон се соочува со гласање кое може да ја фрли Франција во тотален хаос: “Притисокот е невиден, а рејтингот му е на колена…“

Националното собрание на Франција денес одлучува за судбината на Владата на Елизабет Борн, премиерката од партијата „Преродба“ на Макрон, која на крајот од минатата недела, на иницијатива на претседателот одлучи да се повика на член 49/3 од Уставот и на тој начин ја протуркаа контроверзната пензиска реформа низ парламентот без формално гласање.

Елизабет Борн

Нејзиниот потег дополнително ги разбесни Французите, кои два месеци неуморно се спротиставуваа на идејата за зголемување на границата за пензија за две години, поради што викендов владееше хаос по улиците во градовите, а 169 демонстранти беа уапсени поради јавен неред.

Да потсетиме, нередите кои со недели владеат во француските градови беа предизвикани од предлогот на Емануел Макрон за реформа на пензискиот систем, според кој старосната граница за целосна пензија ќе се подигне од 62 години, што е сега и што го прави францускиот народ еден од најмладите пензионери на Запад, до 64 години. Претседателот оваа реформа им ја соопшти на граѓаните како дел од кампањата за реизбор, објаснувајќи дека сегашниот систем, во кој дури 14 отсто од вкупната економија во државата оди за исплата на пензии, е пред колапс.

Иако останува да се види дали опозицијата успешно ќе ги остави настрана идеолошките разлики за да ги собере потребните 289 гласа за гласање недоверба на актуелната влада а доколку успее, премиерката ќе биде принудена да поднесе оставка, додека законодавниот предлог ќе биде отфрлен.

Радикалната десничарска партија „Национален собир“, предводена од Марин Ле Пен, е главниот иницијатор за денешното гласање за доверба на Владата, но со оглед на тоа што имаат само 88 пратеници, ќе им биде потребна поддршка од другите колеги. Математички гледано, гласањето за недоверба нема да биде можно без поддршката на републиканците кои како клучен стратешки партнер на актуелниот претседател Емануел Макрон веќе најавија дека не планираат да ја соборат Владата бидејќи – „не сакаат да дополнително ја дестабилизираат и онака хаотичната ситуација во земјата“. Токму поради ова, седиштето на партијата во Ница, од каде што потекнува нивниот претседател Ерик Чиоти, викендов беше вандализирано, а хулиганите му се заканија на раководството со графити да гласаат против Владата во понеделник бидејќи – „во спротивно ќе претрпат уште полоши последици“.

Тие сакаат да употребат насилство за да извршат притисок врз мене, но јас одбивам да не потклекнам врз теророт“, напиша Чиоти на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер и на објавата прикачи фотографија од својата демолирана канцеларија. 

Неговите сопартијци исто така им потврдија на француските новинари дека во последните денови добивале смртни закани.

Синдикалците апелираат до граѓаните преку јавни немири да вршат притисок врз функционерите за во последен момент да се обидат да ја запрат реформата, а неделава и официјално се најавени нови масовни протести. Најголем проблем засега имаат француските матуранти кои треба да ја почнат матурата следната недела, а поради најавениот штрајк на просветните работници се уште не знаат како ќе се одржи.

Истражувањето објавено оваа недела од магазинот Le Journal du Dimanche предупредува дека францускиот претседател во моментов ужива најнизок рејтинг. Резултатите од истражувањето на францускиот институт CEVIPOF, кое беше спроведено во периодот од 27. јануари до 9. февруари во четири земји (Франција, Германија, Велика Британија и Италија), укажуваат на тренд дека дури две третини од испитаниците во Франција веруваат дека демократијата како таква веќе не функционира, што е десет проценти зголемување во споредба со пред две години. За споредба, 40 отсто од Германците, 52 отсто од Британците и 58 отсто од Италијанците ги изразија своите сомнежи за демократијата.