Земјотресот што го потресе Мароко досега одзеде 2.012 животи, повредени се 2.059 лица

0

 – Во разорен земјотрес со интензитет од 7 степени според Рихтер кој го потресе Мароко, животот го загубија најмалку 2.012 лица.

Геолошкиот завод на САД објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случи во 23:10 часот по локално време, бил 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина 18,5 километри.

Најмалку 2.012  лица загинаа, а 2.059 се повредени во силниот земјотрес кој го потресе Мароко, од кои 1.404 се во критична состојба, соопшти мароканското МВР.

Смртни случаи во земјотресот со магнитуда од 7 степени се забележани во повеќе региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и во градовите Азилал, Уарзазат, Тароудант и Чичауа.

Ова е најсилен земјотрес што ја потресол оваа северноафриканска земја во последните 100 години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.

Ситуацијата е посебно тешка во регионот Маракеш, каде бројни згради се урнати и голем број жители се под урнатините.

Земјотресот, исто така, се почувствува и во соседните земји Алжир и Мавританија.

Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.

На социјалните мрежи луѓето објавуваат фотографии на сограѓани како излегуваат на улиците по земјотресот, како и од моментите на уривање на зградите.