Израел ќе даде 12 милијарди долари повеќе за одбрана: Тврдат дека се „подготвуваат за голем број сценарија и непријатели“
Израел ќе ги зголеми трошоците за одбрана за 42 милијарди шекели (12,5 милијарди долари) во 2025 и 2026 година, според извештајот на министерствата за финансии и одбрана.
Буџетскиот договор, рекоа тие, ќе му овозможи на ресорното министерство да „ги унапреди итните и суштински задачи за набавки од клучно значење за националната безбедност“.
Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрих, изјави дека новиот буџет за одбрана „целосно ги покрива интензивните борби во Газа, со сеопфатни безбедносни подготовки за сите закани – од југ, север и од подалечни арени“.
Воените трошоци на Израел се зголемија откако Израел ја започна својата воена офанзива врз Газа.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека средствата ќе му овозможат на Израел да се подготви за повеќе сценарија бидејќи „непријателите отворено ја објавуваат својата намера да нè уништат“.
„За ова ни е потребна целосна воена, технолошка и оперативна супериорност“, изјави тој.
Одделно, израелското Министерство за одбрана соопшти дека потпишало договор со државната компанија „Израел аероспејс индустрис“ (IAI) за забрзување на масовното производство на пресретнувачот „Ероу“.
„Arrow“ е развиен и произведен во соработка со Агенцијата за ракетна одбрана на САД и претставува систем за ракетна одбрана дизајниран да пресретнува и уништува балистички ракети.
Тие, исто така, потпишаа договор вреден 20 милиони долари со „Израел Випон Индастриз“ (IWI) за испорака на напредни митралези со цел значително зголемување на огневите способности на копнените сили на Израелските одбранбени сили.