Историска одлука во македонското судство: Три месеци затвор за убиство на куче

Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за виновни за убиството на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последиците од нанесените повреди.

Судот го осуди Крстевски на три месеци затвор, додека Билбиловски беше осуден на сто дневни глоби, во вредност од 10 евра по казна, во вкупен износ од 1.000 евра.

Според обвинението, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет што личел на стап, повеќе пати го удирал кучето Феликс во главата без оправдана причина, предизвикувајќи му потрес на мозокот и хематом.

Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле во контејнер, каде го фрлиле, верувајќи дека е мртво.

Кривичното дело е квалификувано според член 233, став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за секој што ќе убие животно без причина или ќе го изложи на непотребно страдање и болка.

Инаку, ова е историска одлука во судството на Северна Македонија, бидејќи е првпат да се изрече затворска казна за вакво кривично дело.